Revision 8720 of "Тешкото – Блаже Конески" on mkwikibooks

:штом тапан ќе грмне со подземен екот -
:во градиве зошто жал лута ме стиска, 
:во очиве зошто навирува река
:и зошто ми иде да плачам ко дете,
:да превијам раце, да прекријам лик -
:та гризам јас усни, стегам срце клето,
:да не пушти вик.

:О тешкото! Старци излегуват еве,
:на чело им мисла, во очи им влага
:и првиот чекор по меката трева
:е мирен и бавен, со задржана тага.
:Но 'рзнува тапан и писок се крева
:и молнија светнува во секој глед,
:и напред се пушта, се стрелка, се слева
:стегнатиот ред.

:До старците момци се фаќаат скокум;
:не издржа срце - сив сокол во клетка,
:не издржа пламен жив потулен во око, 
:не издржа младост што сака да летне!
:Се залула оро! Се заврте земја,
:и чиниш - се корне стресениот век,
:и околу трпнат ридиштата темни
:и враќаат ек.

:И божем се врасло кипнатово оро
:со исконска сила за земјава наша
:и во него шуми на реките зборот,
:и во него рика див ветер и страшен
:и во него шепнат узреани житја
:и вечерен мирис се разлева тих,
:и земјата дише во пролетна ситост
:со запален здив.

:И душата, чиниш, на родот мој мачен
:во тешково оро се уткала сета -
:век по век што трупал сè попуст и мрачен
:од крвава болка, од робија клета,
:век по век што нижел од корава мисла
:за радосна челад, за слободен свет,
:од песна - за љубов што гине со пискот
:ко жерав во лет.

:О тешкото! Кога во молк да те гледам,
:на очиве магла ми напаѓа сура,
:и одеднаш - в бескрај се растега редот
:и ридја се губат в пустелија штура - 
:и еве кај иде од маглата матна
:сè сенка до сенка, сè еден до друг -
:во бескрајно оро син оди по татка,
:по деда си - внук. 

:Времињата мрачни се нивното поле,
:и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
:а главите им се наведени доле,
:и покроце врват - сè чекор по чекор.
:О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
:кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
:Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
:над пустош и крв?! 

:Кој број ќе ми каже на лутите рани,
:на пламнати ноќи, на пеплишта пусти, 
:кој на срце болки ќе изреди збрани,
:и на очи солзи, и клетви на усти?
:О тешкото! Синџир ти беше на робја,
:од калеши моми и невести ред.
:со врзани раце во плен што ги погнал
:насилникот клет.

:О тешкото! Синџир ти беше на робја,
:дур не стана народ во листена гора,
:сè дури со јадот од векови собран
:не поведе бујно, бунтовничко оро!
:се залула танец низ крвје и огон,
:и повик се зачу и грмеж во чад -
:те разнесе сегде бунтовната нога
:по родниот кат.

:О тешкото! Сега по нашите села
:во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
:зар чудно е - солза да потече врела,
:зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
:Од вековно ропство, мој народе, идеш
:но носиш ти в срце дар златен и пој.
:Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
:И животот твој!

[[Категорија:Македонска литература]]
[[Категорија:Современа македонска поезија]]