Revision 8721 of "Тешкото – Блаже Конески" on mkwikibooks:О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат, :штом тапан ќе грмне со подземен екот - :во градиве зошто жал лута ме стиска, :во очиве зошто навирува река :и зошто ми иде да плачам ко дете, :да превијам раце, да прекријам лик - :та гризам јас усни, стегам срце клето, :да не пушти вик. :О тешкото! Старци излегуват еве, :на чело им мисла, во очи им влага :и првиот чекор по меката трева :е мирен и бавен, со задржана тага. :Но 'рзнува тапан и писок се крева :и молнија светнува во секој глед, :и напред се пушта, се стрелка, се слева :стегнатиот ред. :До старците момци се фаќаат скокум; :не издржа срце - сив сокол во клетка, :не издржа пламен жив потулен во око, :не издржа младост што сака да летне! :Се залула оро! Се заврте земја, :и чиниш - се корне стресениот век, :и околу трпнат ридиштата темни :и враќаат ек. :И божем се врасло кипнатово оро :со исконска сила за земјава наша :и во него шуми на реките зборот, :и во него рика див ветер и страшен :и во него шепнат узреани житја :и вечерен мирис се разлева тих, :и земјата дише во пролетна ситост :со запален здив. :И душата, чиниш, на родот мој мачен :во тешково оро се уткала сета - :век по век што трупал сè попуст и мрачен :од крвава болка, од робија клета, :век по век што нижел од корава мисла :за радосна челад, за слободен свет, :од песна - за љубов што гине со пискот :ко жерав во лет. :О тешкото! Кога во молк да те гледам, :на очиве магла ми напаѓа сура, :и одеднаш - в бескрај се растега редот :и ридја се губат в пустелија штура - :и еве кај иде од маглата матна :сè сенка до сенка, сè еден до друг - :во бескрајно оро син оди по татка, :по деда си - внук. :Времињата мрачни се нивното поле, :и нивната свирка - на прангите ѕвекот, :а главите им се наведени доле, :и покроце врват - сè чекор по чекор. :О времиња, што ве в мрак родот мој минал, :кој збор ќе ми најде за вашата стрв? :Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат :над пустош и крв?! :Кој број ќе ми каже на лутите рани, :на пламнати ноќи, на пеплишта пусти, :кој на срце болки ќе изреди збрани, :и на очи солзи, и клетви на усти? :О тешкото! Синџир ти беше на робја, :од калеши моми и невести ред. :со врзани раце во плен што ги погнал :насилникот клет. :О тешкото! Синџир ти беше на робја, :дур не стана народ во листена гора, :сè дури со јадот од векови собран :не поведе бујно, бунтовничко оро! :се залула танец низ крвје и огон, :и повик се зачу и грмеж во чад - :те разнесе сегде бунтовната нога :по родниот кат. :О тешкото! Сега по нашите села :во слобода првпат штом оро ќе сретнам, :зар чудно е - солза да потече врела, :зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?! :Од вековно ропство, мој народе, идеш :но носиш ти в срце дар златен и пој. :Пченицата твоја триж плодна ќе биде, :И животот твој! [[Категорија:Македонска литература]] [[Категорија:Современа македонска поезија]] All content in the above text box is licensed under the Creative Commons Attribution-ShareAlike license Version 4 and was originally sourced from https://mk.wikibooks.org/w/index.php?oldid=8721.
![]() ![]() This site is not affiliated with or endorsed in any way by the Wikimedia Foundation or any of its affiliates. In fact, we fucking despise them.
|