Difference between revisions 13405 and 15175 on mkwikisource

{{Delete}}
Почитуван претседател на Собранието на РМ г- дин Љубиша Георгиевски,

Почитуван прв претседател на Владата на независна [[Македонија]] г – дин Никола Кљусев,

Почитувани поранешни министри и функционери во Владите на Република Македонија,

Почитуван поглавар на Македонската православна црква,

Почитуван Претседател на ИВЗ,

Почитуван поглавар на католичката црква,

Почитуван претседател на еврејската заедница во Македонија, претставници на другите верски заедници.

Почитуван претседател на МАНУ,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија,

Почитувана Г- ѓо Вилма Трајковска,

Почитувани ректори на универзитетите во Македонија,

Претставници на судската власт,

Ценети гости,

Дами и господа

Денес се навршуваат точно 114 години од основањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.

Ова е историски ден за почетокот на организираното македонско револуционерно движење, ден кога воскресна идејата за ослободување на македонскиот народ.

На овој ден, големите визионери Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров ги поставија темелите на Организацијата која ќе одигра клучна улога во борбата за национално признавање на македонскиот народ и неговото државно правно конституирање.

На овој ден се случува практично организацијата на идејата за самостојна и независна Македонија и почеток на нејзиното организирано манифестирање.

Шестмината истакнати македонски патриоти го продолжија заветот од востанијата и буните на претходните пожртвувани генерации на македонскиот народ за обновување и обединување на македонската држава. Тие почитувајќи ги принципите на слободата и еднаквоста на сопствените граѓани, без оглед на нивната етничка, верска и расна припадност, се залагаа рамноправно со останатите балкански држави, да создадат своја држава, која ќе придонесува за помирен и попросперитетен регион.

Несомнен доказ за посветеноста на Организацијата кон европските либерални идеи се Илинденското востание, Крушевскиот манифест и создавањето на Крушевската република – Првата Република на Балканот.

Со основањето на историската ВМРО беа отворени нови страници во ослободителната борба на македонскиот народ, што предизвика огромен интерес на меѓународно ниво. Таа стана една од најголемите, најавторитетните, најбројните и најсилните револуционерни организации на Балканот и во Европа.

Паралелно со изградувањето на организационата и воената структура, се оформуваше и еволуираше и политичката програма на организацијата. Најпрво, остварување на политичката автономија на Македонија во рамките на Отоманската империја, потоа како самостојна автономна македонска држава, а по Првата светска војна политичката програма на ВМРО прерасна во отворено барање за автономна, независна и обединета Македонија во нејзините природни и етнички граници.

Успехот на Македонската организација е силно запечатен во историјата. Или како што ќе каже Димо Хаџи Димов:

„Успехот на Револуционерната организација е редок пример во историјата на другите народни револуции, бидејќи за толку кратко време, во мошне сложени внатрешни и надворешни услови, успеа да се сплоти цел еден народ, една цела земја, под едно знаме и за една револуционерна цел“. Пројавената оружена акција на востанатите народни маси е епохална, зашто беше започната при еден таков невиден ентузијазам и при едно такво самоодречување што можеше да го пројави само народ воспитуван да умира за својата слобода, а така беше воспитуван македонскиот народ од својата Револуционерна организација, која не може да биде поинаква освен достојна за својот народ“.

ВМРО уште од своето основање го интернационализира македонското дело, ја натера Европа и светот да обрнат внимание кон Македонија, кон нерешеното македонско прашање и кон поробениот и обесправен македонски народ.

Во името на овие четири букви се водеше македонската национално ослободителна борба до победоносниот крај и создавање на нашата самостојна и суверена Република Македонија.

ВМРО е вистинска легенда, тоа е жесток мит на народниот револуционерен дух, чиј надеж и желби за исполнување на сонот за слобода и сопствена држава станаа стварност и реалност. ВМРО измина долг и макотрпен пат. Пат полн со падови, но и подеми. Пат на разочарувања, оутѓеност и несфатеност, но и пат на воодушевување и историска потврда.

Низ историјата имало и скршувања и застранувања, имало погрешни интерпретации, но и реални отстапувања од основната идеја. Имало идеолошки разлики во самото ВМРО, имало поделби, имало уфрлања од други држави со цел да се заземе македонското револуционерно дело, а со тоа и правото на самостојна држава.

Но, сепак, на крајот, патот на ВМРО е патот на македонските идеали за слобода и независност, крајната цел на неговите активисти беа Ослободување и создавање на самостојна држава, а предизвиците низ кои поминуваше историската ВМРО, и покрај внатрешните раслојувања, поделби и судири, застранувања, отсекогаш ја правеа организацијата посилна и поединствена во својата идеја. Името ВМРО е длабоко врежано во свеста на македонскиот народ. ВМРО значи патриотизам. Тоа име значи непокор, значи истрајност, посветување и љубов кон својата земја.

Тоа име значи борба за правда и еднаквост, разбирање и толеранција. Борба за заедништво и соживот, стремеж за сопствена иднина.

Во историјата на ВМРО ќе останат запаметени многубројни битки и херојски подвизи, организатор на големи востанија, меѓу кои и Илинденското, од кое се изроди и првата Република на Балканот – Крушевската.

Во нив учествуваа и ги положија животите голем број револуционери, корифеите и апостолите на Организацијата, чии имиња, понатаму, како континуитет на македонската револуционерна борба, ги носеа и партизанските одреди за време на антифашистичката ослободителна борба во Македонија.

Така, идеите за независна Македонија освен во Првата, продолжија да бидат актуелна константа и за времето на Втората светска војна и тоа, не само кај припадниците на организацијата, туку и во рамките на антифашистичкото движење и за тоа на овој ден Македонија им оддава почит и на нив, на борците на антифашистичкото движење, како продолживачи на делото на македонските револуционери, како борци за истата идеја и истата кауза.

Наша обврска и должност е на сите кои се жртвуваа за овие идеали да им искажеме благодарност и да им посакаме вечна слава. Тоа е пораката што како претседател н Владата на Република Македонија сакам да ја пренесам од оваа прослава. Тоа е пораката на верност, посветеност и целосна приврзаност кон идеалите од кои се раководеа борците за Македонија, но и од идеалите од кој денеска се раководи Република Македонија.

Почитувани дами и господа, Деновиве слушам дискусии, негирања, реплики, критики од страна на мал круг политичари, кои за жал се свртени кон себе, а не кон државата. Сакам да им порачам и на оние негатори дека денес Македонија не слави за ВМРО – ДПМНЕ, ниту за СДСМ, ниту за било која политичка партија.

Денес во Македонија се слави денот за кој пред 20 или 30 години се одеше во затвор ако некој поединец гласно кажеше дека го слави овој ден.

Денес во Република Македонија ги славиме нашите заеднички херои и нивните дела, денес се слави за оние кои ни ја дадоа слободата на оваа земја, со тоа што за неа ги дадоа своите животи.

Овој ден не смее да биде ден на поделби, ова треба да биде денот на обединување на македонската левица и десница, ова треба да биде денот на помирување на сите политики сили во општеството, помирување заради Македонија, за нејзината иднина, за нејзините перспективи, за нашите идеи, за нашите деца! Со прогласувањето на 23 октомври за државен празник, за прв пат во нашата историја, одаваме целосно и адекватно признание на една херојска епоха и генерација на македонски патриоти. На тој начин покажуваме дека ја почитуваме нашата историја, континуитет и слободарски дух, покажуваме дека го почитуваме столбот на кој е заснована суверена и демократска Република Македонија. На овој начин покажуваме дека Република макеоднија знае да препознавање што во нејзината историја е големо и славно дело и дека знае да остане верна на традицијата на искрените македонски патриоти, без разлика на нивната етничка припадност, и без разлика на фактот, кога и против кого, ја бранеа честа и достоинството на Македонија. Со прогласувањето на денешниот Државен празник ја браниме и негуваме честа и достоинството на Република Македонија и нејзиното место и успех во иднината, ги браниме идеалите на нашите предци.

Почитувани,

Основата на делувањето на борците на историското ВМРО била вистината и искреноста, бил зборот.

Идеите на исконското ВМРО, денеска се присутни и се реализираат во современата Македонска држава, адаптирани на актуелните европска и светска констелација и глобализација. Овие идеи, кои се согласно европските принципи, неповратно го трасираа патот на нашата држава кон современите заедници на слободни и демократски држави.

Сега се наоѓаме пред нов предизвик. Македонија мора да се сврти кон брзо менување на економската реалност.

А, во постигнувањата на новите успеси, мораме да земеме духовна сила и морален поттик од борците за Македонија, нивниот идеализам, пожртвуваност, нивната сила.

Ние, во Владата, сакаме да ја вратиме довербата на македонските граѓани во сопствената држава. Сакаме да ја вратиме довербата на граѓаните во сопствената историја, во сопственото минато, да ја засилиме вербата во духот на нашите предци. Работите во Македонија се придвижуваат. Тоа го гледаат сите.

Во Македонија конечно се работи.

Македонија добива признанија за напредокот од светски институции, 4 место сме во светот по економски реформи, економското закрепнување на македонската држава започна, и ние посветено работиме на тоа.

Претстои доста важен период пред нас.

Период, кој дефинитивно ќе ја исцрта нашата модерна историја, добивањето на поканата за зачленување во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ наредната година.

Ние посветено работиме на ова и денес на овој ден, ветувам дека нема да разочараме.

Ќе продолжиме заеднички да ја градиме Македонија, како што тоа го сакале нашите предци, во соживот, во толеранција и разбирање, ќе ја водиме напред кон големото европско семејство, каде што ни е местото, каде што нашите предци отсекогаш не гледале.

Почитувани Дами и Господа,

Денес ви раскажав за една историја. Заврши ли таа? Се чини, не. Актерите не смеат да ви ја кријат заднината.

Актерите се комитаџиите, а заднината на сцената е Македонија.

А без оваа заднина на сцената, во тој театар немаше да има ни актери.

Затоа да ја чуваме и негуваме! И, затоа, Нека ни е честит празникот, Нека е вечен и вековит,

Денот на Македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија

Благодарам.“


[[Категорија:Говори]]
[[Категорија:Говори на Никола Груевски]]
[[Категорија:Говори на македонски премиери]]