Revision 15176 of "Честитка од премиерот Груевски до граѓаните на Македонија по повод Денот на сесловенските просветители и учители – 24 Мај" on mkwikisource

{{Delete}}
::::::Почитувани граѓани,


Големината и богатството на еден народ се состои во неговиот капацитет, со свое дело да ги збогати и другите народи и да даде придонес кон општата цивилизација. Овој народ тоа го направил со цел спектар од прекрасни личности-мислители, дејци, благородни луѓе. Народ, кој како нашиот, во своето многувековно, историско постоење изградил и воспитал такви извонредни личности, има морална, реална и историска обврска да ги празнува онака како што доликува.


По својата улога и значење, во тој светол спектар, заслужено место завземаат браќата Св.Кирил и Св.Методиј. Тие несомнено се, исклучително важни како основоположници на словенската писменост. Нивната просветителска улога на културен и на религиозен план, претставува порта низ која словенските народи влегуваат и се издигнуваат на угледно место во историјата на цивилизираниот свет. Севкупната духовност и култура на словенските народи започнува токму со преводот на библиските текстови на старословенски јазик, поточно на јазикот од ова поднебје, македонското, на оваа територија македонската.


Нивната мисија не се ограничува со време и простор, ниту пак во рамките на неколку истородни народи. Нивното свето дело и нивната извојувана легитимна победа за промоција на правото за богослужба на националните јазици на народите, ја задолжи целата Христијанска Цивилизација . Таа победа, која претставува цивилизациска придобивка, значеше потврда на убедувањето дека не постои јазик кој не е достоен за славење на Бога и нема сила која ќе овозможи стопирање на процесот на сопствено осознавање и културна преродба.


Св. Кирил и Св. Методиј ни оставија и скапоцено наследство во личностите на нивните ученици, Св. Климент и Св. Наум, кои го основаа "Охридскиот универзитет"- еден од најдревните во [[Европа]] и македонски влог во културната ризница во светски рамки.


На овој ден, на овој празник на сесловенските просветители и учители Св.Кирил и Св. Методиј, не смееме да заборавиме дека живееме и твориме, дека учиме и се образуваме како наследници на еден од најстарите универзитети- Светиклиментовиот, и дека мораме и себеси да се вградиме во овој светол тек, со голема одговорност и почит кон оние што пред многу векови, соочени со бројни предизвици ни го овозможија тоа.


Честитајќи Ви и чествувајќи го големиот празничен ден, изразувам цврсто уверување дека и во иднина ќе промовираме личности и дела кои силно ќе го задолжат модерниот свет со нови вредности„. 


[[Категорија:Говори на Никола Груевски]]